Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за започнување процес за воведување и имплементирање на ВАР технологија (видео помошни судии) за натпреварите од Македонската фудбалска лига (МФЛ), согласно прописите и процедурите на ФИФА.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини очекува со воведување на ВАР да се сведат на минимум судиските грешки на прволигашките натпревари.
– Сакаме да го исчистиме фудбалот од грешките кои се случуваат поради човечки фактор. Тие најважни клучни грешки повеќе нема да се случуваат, но потребно е трпение и време, затоа што судиите треба да се едуцираат и да знаат како да ја применуваат ВАР технологијата. Сигурен сум дека нема да се избегнат детските болести и во Македонија, знаеме дека некои ситуации дури и со ВАР асистенција нема сите да ги направи да бидат задоволни затоа што секогаш кога е вклучен човек тоа е субјективен впечаток. Важно е дека федерацијата има подготвено план, начин на финансирање, набавка на потребната техничка опрема, подготвеност за едукација на ВАР инструктори и судии, како и сите оперативни аспекти за проектот. Објективно, потребно е најмалку шест месеци за системот да се постави, но ќе се обидеме да го скратиме тој период што е можно повеќе, изјави Сејдини за сајтот на ФФМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.