Уште една пријатна прес-конференција за македонската репрезентација пред историскиот натпревар за пласман на првото учество на едно светско првенство.
Очигледно расположен по триумфот над Италија, но максимално сериозен во очекување на утрешното финале со Португалија на „Драгао“, македонскиот селектор Благоја Милевски како и пред дуелот во Палермо нагласи дека повторно играме со вистински фудбалски гигант, но категорично ја истакна силната верба во своите избраници…
„Секако, како и пред мечот со Италија знаеме кој ја носи фаворитската улога пред овој меч. Знаеме со каков квалитет располага португалската селекција, нема потреба да ги нагласувам сите тие имиња кои играат за Португалија, но ние не сме тука дојдени како туристи. Напротив, дојдовме да победиме!“ – категорично истакна Милевски на официјалната прес-конференција, веднаш дополнувајќи:
„Никој во светот не очекуваше дека ќе се најдеме на овој дуел. Но, ние чекор по чекор го потврдивме сиот свој квалитет и заслужено сме повторно тука во финалето за СП 2022. Затоа фудбалерите имаат повторно само една порака од мене, да уживаат во моментот, да излезат на терен и уште еднаш да го покажат сиот свој потенцијал и срце“.
Македонскиот селектор нагласи дека здравствениот билтен е максимално поволен, и познат е почетниот тим за утрешниот натпревар.
„Здравствениот билтен е максимално поволен. Немаме никакви проблеми, ги знаеме почетните 11, а секако стартниот тим ќе го видиме утре“ – истакна Милевски, и дополни:
„Сигурен сум дека не очекува сосема поразличен натпревар од оној против Италија. Најважно е да го реализираме тоа што ќе се договориме, да се почитува секој момент од подготовките, a потоа на терен ќе се види кој за што бил подготвен и дали ќе одлучи на крај колективот или индивидуалните квалитети“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.