Шпанскиот фудбалер Хуан Мата потпиша договор со Вестерн Сиднеј Вондерерс од Австралија.
Австралискиот клуб го потврди трансферот синоќа преку социјалните мрежи.
Прославениот Мата (36) им се приклучува на Вондерерс како слободен играч откако во јануари оваа година го раскина договорот со јапонскиот Висел Кобе.
„Се приклучувам на Вестерн Сиднеј Вондерерс, единствениот австралиски тим кој некогаш ја освоил азиската Лига на шампиони, и едвај чекам да стигнам таму и да почнам да тренирам со тимот за да се подготвам за претстојната сезона“, објави Мата на социјалните мрежи.
Мата ја освои јапонската лига минатата сезона со Висел Кобе, иако одигра само еден натпревар за клубот.
„Трансферот на Хуан во нашиот клуб и тим е бесценет. Хуан ќе му помогне на нашиот тим на теренот, но уште поважно е дека тој ќе биде важна фигура во забрзувањето на напредокот и развојот на нашиот млад тим“, изјави тренерот на Вондерерс, Ален Стајчиќ.
Во својата кариера Мата настапуваше за Реал Мадрид Б, Валенсија, Челзи, Манчестер Јунајтед, Галатасарај и Висел Кобе.
Со Челзи во 2012 година ја освои Лигата на шампиони, додека Светското првенство во 2010 година го освои со шпанската репрезентација, за која забележа 41 настапи и постигна 10 голови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.