Германската фудбалска легенда Франц Бекенбауер почина во својата 78 година од животот. Во последниот период, здравствената состојба на Бекенбауер сериозно се влоши, а тоа го имаше потврдено и неговиот син Валтер.

Оваа информација ја соопшти семејството на поранешниот славен дефанзивец од Минхен. Станува збор за фудбалер кој одбележа едно време во германскиот фудбал. Најславните денови од кариерата Бекенбауер ги мина во редовите на Баерн Минхен. За германскиот гигант од 1964 до 1977 година, екс-дефанзивецот одигра 427 натпревари.

Освен за баварците, во кариерата Бекенбауер настапуваше за Њујорк Космос и Хамбургер, а беше и стандарден репрезентативец на тогашната Западна Германија. По играчката, Бекенбауер имаше и тренерска кариера во која беше германски селектор, а во две епизоди го водеше и Баерн Минхен. Исто така, имаше и кратка етапа како спортски директор на Олимпик Марсеј.

Што се однесува до одличјата, Франц Бекенбауер беше светски првак како играч и селектор со Западна Германија, а има и бронзен и сребрен медал. Исто така со репрезентацијата освои и Европско првенство, како и едно второ место. Во германскиот фудбал ги крена сите трофеи со Баерн Минхен, како и три во Европскиот куп (сега Лига на шампиони).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.