Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман е категоричен дека неговата одлука да остане на чело на националниот тим наместо да се врати во Баерн Минхен нема никаква врска со неговото отпуштање од Баварците пред една година.

За време на негово интервју, Нагелсман беше запрашан да го коментира тврдењето на директорот на Баерн, Макс Еберле дека тренерот не ја прифатил понудата од Минхен затоа што се уште чувствува болка поради неговото отпуштање.

-Не, кога станав ментор ми беше јасно дека во одреден момент ќе бидам ослободен. Ова треба да се има на ум. Нормално е кога некој е отпуштен да сака да тргне по друг пат. Нема болка, едноставно мојата одлука беше во корист на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ). Не чувствувам никакво „боцкање“ по телото. Руди Фелер е мој голем бранител. Се бореше за мене и често ми се јавуваше. Секако дека е и човек со огромно искуство кој е како татковска фигура за целиот стручен штаб, одговори селекторот.

Тој, исто така, призна дека имало интерес и од други клубови.

-Моите опции не беа само Баерн и ДФБ, имаше и неколку други заинтересирани клубови. Сепак, секогаш имав добро чувство за репрезентацијата и секогаш ми беше меѓу приоритетните опции. Сепак, моја должност е да расчистам некои работи, да се сретнам и да размислам што е правилно за мене и за моето семејство во следните две години. На сите им е јасно дека во одреден клуб може да се земе поголема плата, но тоа не е поттик за мене. Да ми беше приоритет платата, порано ќе одев во некој клуб, сподели Нагелсман



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.