За две седмици, односно на 13 февруари натпреварите од првата фудбалска лига во Грција повторно ќе се играат со публика, по пауза од два месеци по воведените мерки од грчката Влада за справување со спортското насилство, а надлежниот министер за спорт ги соопшти реформите и точните термини кога ќе стапат во сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Алтернативниот министер за спорт на Грција Јанис Вруцис објасни дека од 6 март, ќе биде воведена новата рамка за електронски надзор на спортски објекти, што вклучува современи камери со постојана контрола од полицијата, а од 9 април дигитална идентификација на сопствениците на билетите.
Доколку некоја од екипите од првата фудбалска и кошаркарска лига нема комплетен и целосно функционален систем за надзор на спортскиот објект што го користи за натпреварите во кои е домаќин, по 6 март, ќе игра без публика.
Еден месец подоцна, на почетокот на април ќе стапат во сила одредбите за модерен и иновативен систем на идентификација на сопствениците на билети за фудбалски натпревари меѓу екипите од првата фудбалска лига.
Идентификацијата ќе се врши со современи технологии преку мобилен телефон за да биде дозволен влез на стадион.
Паралелно со укинувањето на мерката за забрана на публика на натпреварите од првата фудбалска лига, ќе стапат во сила и одлуките со кои Постојаниот комитет за справување со насилство веднаш ќе изрекува административни казни кога станува збор за најчестите насилства на навивачите како што се фрлање запаливи средства или опасни предмети во спортските објекти, објавување транспаренти или други натписи од политичка, верска или идеолошка природа, со навредлива, расистичка или сексистичка содржина итн.
По зголемениот број случаи на спортско насилство и откако полицаец им подлегна на повредите по напад од навивачи за време на одбојкарски натпревар во Атина во декември минатата година, грчката Влада воведе мерки, меѓу кои сите натпревари од првата фудбалска лига во Грција, два месеци да се играат зад затворени врати до 12 февруари
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.