Македонската фудбалска репрезентација денеска го одржа завршниот тренинг пред неделниот натпревар против Гибралтар во Скопје, во кој избраниците на селекторот Благоја Милевски по поразот од Грузија (0-3) влегуваат со императив да победат и да останат во трка за првото место во Групата 4 од Ц-дивизијата во Лигата на нации.
– Наша обврска е да бидеме на нивото и да го даваме максимумот. Мора да се стават сите во функција на тимот и да бидат на нивото кое се очекува код нас. Имаме почит кон секој противник, тоа се однесува и на утрешниот натпревар. Ние бевме доминантни на претходните натпревари, но мора да бидеме многу повеќе конкретни во завршната фаза, изјави попладнево селекторот Милевски на официјалната прес – конференција.
Македонскиот селектор нагласи дека се соочува со проблемите околу составот на тимот за утрешниот дуел.
– Александар Трајковски нема да биде во комбинација поради повреда, Елиф Елмас е под знак прашалник, а имаме неколку играчи кои, исто така, се неизвесни за настап поради настинка. Голем број од играчите поради распоредот се исцрпени. Искрено, во кој состав ќе истрчаме на терен, ќе мора да почекаме сите заедно да видиме кој ќе биде подготвен. Сите фудбалери конкурираат за настап, што се однесува до Валон Етеми, тој може да дебитира на овој дуел, рече македонскиот селектор.
Капитенот Енис Барди посочи дека поразот од Грузија не ја нарушил позитивната атмосфера во репрезентацијата.
– Нè боли секој пораз. Но, мора да мислиме напред. Јас можам да гарантирам дека секој играч го дава максимумот, но фудбалот понекогаш е таков. Мора да се оди напред и да одиме кон нашата цел. Мора да продолжиме да играме добро, а атмосферата во тимот уште е истата и посакуваме подобри резултати, изјави Барди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.