Поранешниот американски фудбалски репрезентативец, Алекси Лалас (52), кој за време на Мундијалот во Катар беше ангажиран како стручен коментатор за телевијзта Фокс спорт, предизвика шок во јавноста откако објави седум предлози за подобрување на фудбалската игра.

Поранешниот дефанзивец на Падова, Њу Ингланд, Канзас сити и ЛА галакси, меѓу другото, предложи да се укине изведувањето пенали, промена на правилото за офсајд, два бода за гол надвор од шеснаесетникот и воведување слободен удар од 35 метри за симулирање прекршок.

Предлозите за неговата фудбалска „реформа“ предизвикаа бројни критики на социјалните мрежи, а за кратко време доби повеќе од 1.800 негативни коментари од американските љубители на фудбалот.

Само замолчи. Играше на светско првенство, а имаш помалку фудбалско познавање од мојот вујко, кој никогаш не гледал ниту еден натпревар. Поради вакви „генијалци“ сме предмет на потсмев во светот, гласи еден од коментарите на предлозите на Лалас.

Алекси Лалас е култен американски фудбалер кој го носеше дресот на својата репрезентација од 1991 до 1996 и одигра 96 натпревари на кои постигна десет голови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.