Бразилскиот великан Сантос, клуб од кој потекнуваат некои од најдобрите бразилски фудбалери во историјата, како Пеле, Нејмар, Робињо, првпат во 111-годишната историја испадна од Серија А. Сантос во последното коло не успеа да слави на домашен терен против Форталеза. Поразот на славниот клуб го искористија Баија и Васко де Гама, кои победија и се спасија од испаѓање.

Хуан Лусеро постигна гол во 96.минута за 1:2 и го исфрли клубот.

Фудбалерите на познатиот клуб плачеа на теренот, солзите не можеа да ги сокријат ниту луѓето од клупата, плачеа навивачите на трибините.

Надвор од стадионот Урбано Калдеира, радикалните навивачи, разочарани од неуспехот, рушеа се пред себе.

Во текот на ноќта гореа улиците околу стадионот во населбата Вила Белмиро, а густиот чад можеше да се забележи од Сао Паоло.

Инаку, титулата во Бразил ја освои Палмеирас. „Зелените“ ја освоија четвртата титула во последните седум години. Со 12 шампионски трофеи Палмеирас е најуспешниот бразилски клуб, зад него е новиот второлигаш Сантос со осум.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.