Францускиот напаѓач Карим Бензема нема да ги одработи подготовките со Ал Итихад и сосема извесно заминува од клубот од Саудиска Арабија!

Веќе извесно време постојано се зборува за проблемите со Карим Бензема во Саудиска Арабија, откако неодамна го напушти без дозвола тимот, а потоа бил забележан во Дубаи каде се опушта во друштво на поранешната сопруга.

По налог на тренерот Марко Гаљардо, Бензема сега и дефинитивно е отпишан и нема да ги мине мини-подготовките на тимот кои денеска почнуваат во Дубаи. Бензема вчера требаше да се појави во клупските простории во Џеда, но според извори од С. Арабија воопшто го немало на собирот на тимот. Гаљардо не сакал да мине преку тоа, не дозволувајќи никому да биде над клубот, и го избришал од тимот за продолжението на првенството.

Бензема има договор со Ал Итихад до јуни 2026 година. Во клубот пристигна како слободен играч, но има навистина богат договор кој сигурно не сака така лесно да го загуби.

Последните месеци Французинот беше под жестоки критики, добивајќи и погрден прекар во С. Арабија.

„Дојде како ѕвезда, а сега го понижуваат и жестоко критикуваат. Го нарекуваат ‘Бен-Хазима’ што во превод значи – ‘син на поразот’“ – пишуваат арапските медиуми.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.