Најпопуларната манифестација на домашната сцена – Златната бубамара на популарноста 2023  се одржува вечерва (16 март) во салата „Борис Трајковски“, соопштија организаторите.

Во духот на штедењето како главна одлика на изминатата година, овогодишното мото на Златната бубамара е „Да ги наполниме батериите на евтина струја“ (со подваријанта „… или на скапа тарифа“), а штедливоста и енергетската ефикасност на свој, сатиричен и хумористичен, начин ги обликуваа скечовите и содржините на овогодишниот спектакл.

Енергетски ефикасниот штаб кој ја подготвува манифестацијата, како и секогаш, ги чува содржините во врвна тајност, но ги најавува најголемите естрадни и спортски ѕвезди – од домашната и регионалната сцена.

Веќе се објавени и двата постери за овогодишната 26. Златна Бубамара. Едниот со мотото на овогодишниот спектакл го изработи нашиот традиционален соработник, графичкиот дизајнер Ласко Ѓуровски, а другиот постер – со остарените и залежани суперхерои кои нестрпливо ја чекаат Златната Бубамара за да се размрдаат – го изработи младиот стрип-цртач Никола Димов. Како екстра додадена вредност – годинава Златната бубамара ќе добие и стрип!

Како и секоја година, интересот за билети е огромен. Речиси 90 проценти од пуштените билети во продажба се веќе продадени, но на барање на публиката денес се пуштени во продажба последните 300 билети.

Ве очекуваме на 26-то издание на Златната Бубамара.

Да штедиме и да не се штедиме!!!

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.