Два дена големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид утре и задутре ( понеделник и вторник ) е резервирана за децата. Започнува 24 издание на Детскиот музички фестивал „Распеано рибарче 2023“.
Ќе бидат изведени вкупно 20 нови детски песни од деца од Охрид и автори на текстови, музика и аранжман од нашиот град.
Генерации и генерации дечиња – изведувачи и учесници од 1998 година наваму, пораснаа со него, а неговите долгогодишни креатори ги вградија сопствените животни приказни во него. Фестивалот е мозаик составен од идеи,искуства, таленти, креации,позитивни мисли, добри намери. „Распеано рибарче“ одамна е бренд на Охрид и традиционално е под покровителство на Градоначалникот на општина Охрид.
-Деновиве пред симболично да се крене фестивалската завеса, на пробите „паднаа“ првите заеднички дружби. Се „родија“ другарства, се поделија весели детски насмевки, едногласно испеани рефрени.
За момент децата а и ние возрасните заедно со нив се оддалечивме од “премногу паметните телефони”, компјутери, таблети, гаџети и други вештачко интелегентни другарчиња и се вративме на стариот, добар начин на комуникација. Со песна и игра да ни минат дните, велат од Фестивалскиот одбор.
Завршната – вечерна приредба е во вторник – 16 мај од 19 часот а влезницата чини 100 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.