Ок. Стигнавме до 100 изданија. Тоа значи сто пати сме го изговориле она наше – ново! во средина каде понекогаш тоа е прст во око. Среќа, сѐ уште ве има доволно со љубопитни уши, драги наши музички сопатници, и тоа е добра причина да прославиме, имаме и план. Скопските горештини ни се инспирација, никако проблем.

Како прво, подготвивме пригодна компилација што се вика “Шарла: 100 врати отворени”, време е да ги покажеме бисерите. Нашето музичко благо е волшебен ѓердан од 15 песни кои ги доловуваат некои од најблескавите моменти од еве веќе 11-годишната издавачка авантура на Шарла. Еден за нас емотивен пресек на времето низ кое пловиме како пијан морнар по сѐ поплитка вода. До последната капка, драги, да отвораме нови и нови врати, кон нови и нови музички хоризонти, за нови и нови светови да покажеме. Тоа е планот. На крајот, реалност е она што ќе се договориме меѓу себе, не?;)

 

Втората вест е дека сакаме да го споделиме ова во директен контакт со вас – во живо! Во петок вечер (05.07.24) во 21 часот, поставуваме сцена во Ла Кања на која ќе се качат тројца наши артисти, бескрајно талентирани момци во три акустични настапи – Дејание, Сашо Митревски и Sweet Rapscallions. Идејата е да ги поздравиме овие 100 изданија за Шарла Рекордс, но повеќе и поважно е да ја чествуваме современата македонска независна музичка сцена, жива и жилава каква што е. Дружењето и наздравувањето се бонус. Влезот е слободен со препорака за донација за изведувачите, се вели во објавата од организаторот.

Дејан Марковски е битолски кантавтор и слободен трубадур кој веќе петнаесеттина години е музички активен како член на неколку бендови (Кули, Nine Weeks..). Паралелно, својата препознатливост ја гради и како уличен изведувач низ европските градови, што го прави музички глоубтротер исклучително отпорен на разни уметнички болештии, искусен и добро навежбан. Кој сака нека дое, би рекле во Скопје. Дејание е негов соло проект, воедно и прв сериозен обид да истапи од музичките маргини, кон независната авторска сцена каде бездруго припаѓа. Неодамна го сними и издаде својот прв сингл за Шарла, извонредната “Песна за Зоја” која во полн сјај го открива неговиот неограничен талент. Исклучителен глас и гитарски виртуоз со автентичен композиторски потпис со кој лесно ќе ве заведе и поведе на едно магично патување низ вековите и просторите. “Дечко који обечава”, во најмала рака.

 

Сашо Митревски е малиот музички принц на Ѓорче Петров, а тоа не е малку. Од Никотин и Милко, па до ова денес, повеќе од достојно ја претставува уличната династија извонредни музичари од најзападната скопска населба. Неговиот звук отсекогаш бил рафиниран и елегантен, со неспорна дарба за пишување песни во манир на најдобрите претставници на британската инди рок сцена. Денес е пред нас како фино созреан музички џентлмен, влезен во авторско и животно доба со доволно – и лузни и радости, кои се чини повешто од било кога ги претвора во мајсторски изработена музика. Притоа, придружен е од сјајна екипа музички соработници кои совршено му ја разбираат душата во секој отсвирен тон. Актуелен е со извонредното “И бол и бес ЕР” со кое дебитираше во дресот на Шарла, песни што секако ќе се најдат во репертоарот изведени во соло варијанта на неговата нова акустична гитара.

Sweet Rapscallions се со Шарла од самиот почеток на приказната, што ги прави нејзин можеби омилен партнер. Иако, низ времето овој извонредно инвентивен колектив ја доживеа горката македонска судбина да остане без речиси сите свои членови (заминаа на печалба), сепак душата на овој бенд е тука, и има име и презиме – Phill Refill, во народот попознат како Дејан Петровиќ – Чапс. Овој пркосен битолски мистик не се откажува лесно од своето духовно чедо, па така, минатата 2023 година го сними извонредниот Generation Flexible LP. Се работи за eдна бескрајно луцидна парабола со која мошне духовито си поигрува со општествените девијации и апсурдности, све она што обичните луѓе ги вади од кожа, или прави да се иселат од тука, не дај боже. Расен уметник е Чапс, и прекрасна музичка битанга во исто време, доаѓа за премиерно да ни го изведе во живо албумо акустично, внимателно соблекувајќи му ги слоевите. Рековме дека се омилен партнер:)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.