Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“ спаѓа во редот на најстарите во земјава е и единствениот што ги надмина, нашите, регионалните и европските граници, со видливост од над 200 милиони гледачи и 200 часа директен пренос, на дваесетина телевизии и музички канали.

Во фестивалските анали стои и дека пејачи од 37 земји од Европа и светот на „Охрид Фест – Охридски трубадури“ имаат изведено околу две илјади музички нумери. Медиа архивата содржи 4100 информации во весниците, како и над 3800 радио и телевизиски извештаи. Фестивалските изданија во просек реализираат по околу 200 часови директен пренос од петнаесетина балкански телевизии, меѓу кои и оние специјализирани за музика, како “Пајнер” и “Фен” од Бугарија. Од година во година се зголемува и збогатува комуникацискиот мозаик во кој „Охрид Фест – Охридски трубадури“ го наоѓа своето место. Преносите кои ги емитуваше Македонската радио телевизија преку сателитската програма можеа да ги следат и гледачите од Америка, Австралија , Азија и Европа.

Што се однесува до ова издание, не очекува одличен фестивал, со многу добри песни, со настапи на нашите докажани имиња, гости од странство, ѕвездите од екс -ју но и многу млади пејачи.

Традиционално фестивалот ќе започне со Фолк вечер низ која ќе води шармантната Ирена Спировска и каде покрај докажаните Благоја Грујовски, Катерина Танева, Благица Павловска, Петар Нечовски, Милица Кузмановска, група „Биоритам“.., шанса за убав старт ќе имаат и нови музички надежи. Интернационалната вечер е резервирана за поп- музиката и младите но и за етаблирани имиња од Србија, Хрватска, Босна, Словенија, Бугарија…

 

На фестивалот ќе ги видиме Јелена Томашевиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Срѓан Марјановиќ, Брано Ликиќ, Тони Мишел… Охрид- фест ги подржува младите но е познат и како фестивал кој има долга меморија и ги почитува уметниците кои оставиле трага во музиката, не го заборава квалитетот на уметниците кои за адутот го имаат траењето. Во тој контекст, за безвременска песна е прогласена „Одисеја“ што маестрално ја пее Лео Мартин, композиција која го издржа тестот на времето од 1973 година.

Дојдете на 30 и 31 август 2024 година на сцената Долни Сарај во Охрид на уште едно незаборавно издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, велат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.