По пауза од шест години, вчера во Њујорк, САД, се одржа модна ревија на „Викторија сикрет“. Посебно внимание привлече поранешната прва дама на Франција, Италијанката Карла Бруни која прошета на модната писта во црн корсет и црни мрежести чорапи. Тоа беше нејзиното прво и „веројатно последно“ појавување во долна облека, се пошегува таа во интервју за „Пејџ сикс“ (Page Six).

– На мои години?! Многу е возбудливо, но и многу поразително, навистина. Затоа што, знаете, никој никогаш не се навикнува да биде на модната писта без разлика колку долго го правите тоа, изјави Бруни пред шоуто.

Таа почнала да се занимава со манекенство во 1987., кога имала 19 години. Работела со врвни модни куќи, како „Шанел“, „Версаче“, „Диор“, „Живанши“ и „Сен Лоран“.

– Сепак, има нешто посебно во поканата од „Викторија сикрет“. Забавно е да се стане „ангел“. Ќе добијам „крилја“. Сега единствено жалам што мојот сопруг не е тука. Ќе доживееше срцев удар, истакна таа, мислејќи на поранешниот француски претседател Никола Саркози.

Иако моделите некогаш беа познати по интензивните режими на исхрана и вежби пред ревиите, Бруни рече дека не ги променила многу навиките додека се подготвувала за модната писта. Иако сè поретко е на пистите, таа признава дека нејзиниот омилен дел од секоја ревија е времето со нејзините колешки-модели зад сцената.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.