Македонското трио My Tear ја има честа да Ви го претстави синглот “Истото го сакаш” и да го најави својот втор студиски албум, кој ќе се појави на дигиталните платформи на 18 септември. Албумот “Кога не се сакаме” е снимен во Студио 1060 во Скопје во текот на последните две години, а како заедничко издание ќе го објават Corpus Delicti од Македонија, JaJaJa Records од САД и Pop Depresija од Србија.

Некои нешта не се менуваат кога е во прашање музиката на My Tear: луда мелодија, моќна ритам секција, среќно-тажни текстови, џингл-џангл гитари… Атмосферата во песните како да оддава почит на Bob Mould од Sugar фазата, со силна Њу вејв основа и ароматични македонски зачини кои ја прават секоја песна и танцувачки гитарски хит и ода на малите животни победи. Песната “Истото го сакаш” е типичен пример за песна на My Tear, со додатокот на органата што ја отсвире Деан Шкартов – Деко од култната скопска група Бадмингтонс, која спонтано ја води песната на патување по западниот американски брег.

Во 2019 година, My Tear го објави истоимениот деби-албум и тргна на една нова авантура, дури и за докажани андерграунд ветерани како што се Дени Крстев (вокал и гитара), Кристијан Лафазановски (тапани) и Ненад Трифуновски (бас). Од тој албум се двојат сингловите “Остави ме да бидам”, “Лаги шарени”, “Човек од стакло”, а како хит песна се издвои и “Крај на јули” заедно со Васко Атанасоски. Кон крајот на летото 2023 бендот ја објави песната “На старите станици” и најави работа на нов албум. Година дена подоцна излегува вториот сингл, “Истото го сакаш”, како предигра за албумот “Кога не се сакаме”, кој ќе биде достапен од 18 септември како дигитално издание, а до крајот на есента и на винил.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.