Вечерва, со почеток во 20:00 часот во едукативно културниот центар „Лабораториум“ во Скопје, ќе се одржи петтото издание на „Cotton Blues Festival“.
Овогодинешното издание на фестивалот ќе го отвори нашата млада надеж Михајло Митев.
Следуваат In The Mood, дуото основано од Сашо Ѓорѓевски и Никола Џими Петровски, кое овој месец прослави 15 години постоење. Дуото досега брои преку 4.000 настапи низ Македонија, како и на фестивали во Хрватска, Бугарија, Албанија и други клупски настапи низ Европа. На Cotton Blues Festival, во живо ќе го промовираат нивното EP “Breeding ground for blues” На денот на фестивалот, ќе бидат достапни и примероци од EP-то.
После нив, ќе настапи великанот на блузот Alvin Youngblood Hart со акустичен сет. Hart има добиено Греми во 2005 година за албумот Beautiful Dreamer, а беше номиниран и за албумот Down in the Alley во категоријата Best Traditional Blues Album во 2003. Меѓу другите признанија, би ги спомнале и W.C. Handy Award за најдобар музичар во 1997, како и Down Beat magazine award за најдобар блуз албум (Territory,1999).
И за крај, следи голема блуз рок журка со триото од Австралија, Rob Tognoni Band. Триото има нов албум и моментално се на светска турнеја. После Скопје, тие ќе настапат во Германија, Австрија, Италија, Романија, Холандија, Белгија, Англија…Се работи за 38 настапи само во Европа. Новиот албум има наслов Rebel, со промовирани два сингла досега, а на албумот се забележува и преработката на Whiskey in the Jar од Thin Lizzy. Rob има зад себе 27 албуми и соработувал и свирел со легенди како Roy Buchanan, Lonnie Mack (ментор на Stevie Ray Vaughan), Joe Walsh од The Eagles, Peter Green, Johnny Winter, ZZ Top, Sting и Bo Diddley. Влијание има од Cream, Hendrix, BB King, но и од AC/DC, а тоа може да се почуствува на неговите албуми, и посебно на живите настапи.
На овогодинешното издание на Cotton Blues Festival, ќе се организира работилница за изработка на акустични гитари со Јани Павеза, а Ридан Андреев е домаќин на настанот. Ридан е гитарски ентузијаст, вљубеник во блузот и чест посетител на блуз концертите. Ридан се запозна со Павеза минатата година и тие одлучија соработката да ја продолжат и оваа година. Работилницата ќе започне во 14 часот во Лабораториум во т.н. училница.
Најновото музичко издание на Игор Станоевски – Iggy Man насловено како Bad People, ќе биде прв пат претставено на Cotton Blues Festival. Bad People содржи 5 нумери кои претставуваат сублимат од блуз, рок, ритам и блуз. На Cotton Blues Festival, EP-то ќе биде премиерно претставено како слушачка промоција после настапот на In The Mood, а пред легендарниот Alvin Youngblood Hart.
Годинава, за прв пат на Cotton blues festival ќе има вајарска колонија. Специјален гостин е Дејан Спасовиќ, мултимедијален уметник , вајар, ликовен уметник, музичар, режисер кој доби специјална покана од Игор Станоески да биде почесен гостин со што за време на настапите, ликовите на уметниците ќе бидат скулптирани на самата сцена. Сите дела од ликовната и вајарската колонија ќе бидат изложени во галеријата на културниот центар “Лабораториум”. Истите ќе бидат ставени на продажба, од кои поголем дел ќе бидат донирани во хуманитарни цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.