Prilep JAZZ Weekend во соработка со Центарот за истражување на праисторијата, денес на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука ќе се претстави со концерт на црковниот хор Св.Петка. Концертот ќе започне во 18.30 часот.

Црковниот хор „Света Петка“ од Прилеп е формиран во 2015 година од протопсалт м-р Гоце Секулоски, за потребите на новоизградениот истоимен храм на „Света преподобна маченица Параскева – Петка“, со примарна цел да учествува во парохискиот богослужбен живот и духовна дејност на споменатиот православен храм, како и да даде свој придонес во развојот на литургиската музика во Македонската Православна Црква.

 

Хорот, покрај учеството во молитвено-литургискиот живот на Православната црква родниот Прилеп, заедно со својот скратен состав ансамбл „Пелагонитиса“, организирал хуманитарни концерти и настапува на неколку културни манифестации во Република Македонија.

Од нив се издвојуваат: Прилепско лето, Денови на крал Марко, Фестивал за црковно пеење „Св.Нектариј Битолски“, Хорскиот фестивал „ТЕ-ХО“- Тетово, Награди „3-ти Ноември“, јубилеј 95 години Богословски Факултет во Софија, каде зема учество и во научна конференција посветена на делото на прилепчанецот и Старозагорски митрополит Методиј Кусев во Софија.

 

Од музички изданија, поддржан од Општина Прилеп го издава мултимедијалното ДВД „Крепост и Достолепие Македонски – десет прилепски цркви и манастири“, со што се дава особен придонес кон развојот на манастирскиот и духовниот туризам во градот.

Во својата програма, хорот негува музика од повеќе жанрови и категории во хорското творештво, од композитори на рана музика, како што се: Палестрина, Бирд, до руски, српски, украински, бугарски и македонски композитори (Алеманов, Архангелски, Христов, Мокрањац, А.Бадев, К.Македонски, Скаловски, Секулоски итн.)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.