На 14 февруари, Денот на љубовта и виното, Националниот џез оркестар во салата на Националната опера и балет одржа концерт со хитовите на Френк Синатра, во изведба на еден од најдобрите џез вокали на овие простори Џон Илија Апелгрин.

Апелгрин секоја песна ја најавуваше со посебна приказна за него, раскажувајќи ја интересната музичка историја на легендарниот американски пејач и актер.

Френк Синатра се смета за „најголемиот машки поп-пејач во историјата на Америка,“ а некои ќе речат и „најголемиот пејач на 20 век“. Неговата харизматична појава се карактеризира со ретка комбинација на исклучителен вокал и способност да се биде шоумен, карактеристики кои му обезбедија дури три ѕвезди на Булеварот на славните во Холивуд за неговата работа во филмот и музиката.

Изведоа дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, адаптирани за изведба со биг бенд состав, а целовечерното прекрасно музичко патување го заокружија со „Њујорк, Њујорк“, за која Апелгрин рече дека музички го одбележала и пред 34 години ја испеал прв пат во 1990 со Ревискиот оркестар на Радио Скопје, во аранжман на Илија Пејовски.

Џон Илија Апелгрен е македонски џез вокалист, именуван како еден од најдобрите вокали на овие простори и пошироко. Често пати споредуван со Нет Кинг Кол, вокалот на Апелгрен нè потсетува на златни денови од ерата на биг бендовите.

Апелгрен зад себе има 39-годишно искуство на македонската музичка сцена од кои 35-годишно искуство како џез изведувач кој настапувал со биг бендот на МРТ, биг бендот на ЗЏМ, и Македонската фихармонија, како и со голем број помали формациски состави. Во текот на неговата музичка кариера има снимено повеќе од 150 џез стандарди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.