По синоќешното блескаво отворање на 42. издание на Скопскиот џез фестивал со концертите на Јан Банг и Арве Хенриксен со Џијан Емин и Fame’s Institute Orchestra во Националната опера и балет, како и на ансамблот на Бен Ламар Геј во МКЦ, фестивалската програма продолжува денес со три различни, но исклучително интересни концертни настапи. Најпрвин, легендарниот италијански саксофонист Роберто Отавијано со својот актуелен проект „Eternal Love“, посветен на Африка, нејзината култура, музика и луѓе, во ера на миграции и расна нетрпеливост што опасно нè потсетува на Америка од 50-тите и 60-тите години. Заедно со својот блескав квинтет, Отавијано нè води на возбудливо патување, во потрагата по звук и јазик што ќе ги обедини слободната импровизација, славната традиција на џезот и културните корени.
Во вториот дел од концертната програма во НОБ ќе го проследиме концертот на дуото Силви Курвоазие и Мери Халворсон, прославени современи импровизаторки кои на апстракцијата ѝ пристапуваат од две различни перспективи: Курвоазие како пијанистка што ги премостува фри џезот и европската класична музика, и Халворсон како деконструктивна гитарска импровизаторка, силно поврзана со бруклинската авангардна џез сцена. Нивната музика има во себе нешто треперливо, понекогаш збунувачко, а на слушателите им задава предизвикувачка задача: да ги замислат заедно конструкцијата и негацијата како процес, да ги слушаат хармониите во нивната декомпозиција, да го разберат непознатото како утописка потрага по поинаков јазик, накратко: како една прекрасна авантура.
Вечерашната програма ќе ја заокружи домашниот џез состав Cobalt Code Unit, со полноќен концерт во Младинскиот културен центар, Се работи за четири млади музички аскети кои, низ призмата на авангардниот израз, ги контемплираат хоризонтите на современиот џез, слободната импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж. Пред почетокот на нивниот настап, ќе биде врачена традиционалната награда „Најдобар млад македонски џез музичар“, што годинава ја освои тапанарот Драган Теодосиев. Влезот за полноќниот концерт на Cobald Code Unit е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.