По првите две извонредно успешни фестивалски вечери, Скопскиот џез фестивал продолжува да го чекори своето 42. издание. Во рамките на третата вечер, публиката ќе ужива во концертите на неколку великани на светскиот џез.
Најпрвин, како вовед во оваа ѕвездена фестивалска вечер, блескавиот џез пијанист Џејсон Моран ќе одржи соло рецитал. Станува збор за познат, реномиран и исклучително талентиран џез уметник, со извонредна интелигенција, духовит пристап и истражувачки сензибилитет. Последното гостување на овој брилијантен пијанист на Скопскиот џез фестивал беше во 2008 година, кога се претстави со своето оригинално трио Bandwagon. На годинешното фестивалско издание имаме прилика да го доживееме соло и да уживаме во интимниот пијано перформанс на еден од најпровокативните мислители на модерниот џез.и.
Вториот концерт во Националната опера и балет е резервиран за американското чудо од музичар Џоел Рос кој, иако млад, веќе е прогласен за најдобар џез вибрафонист во светот и наследник на легендарните Милт Џексон и Гери Бартон. Во текот на изминатите неколку години, тој се истакна како еден од клучните протагонисти на новата генерација американски џез музичари, градејќи сè побројна и попосветена публика. Познат е по своите извонредни технички вештини и виртуозност, но и по искрениот и автентичен пристап кон музиката. Искреноста е константа во неговите сетови. И со секое ново издание, тој ја реафирмира посветеноста на автентичниот дискурс. Joel Ross Good Vibes е бенд што умее да ја освои и поведе публиката на едно истражувачко музичко патување.
Во полноќната саботна програма во МКЦ ќе имаме прилика да уживаме во уникатниот перформанс на тандемот „Rite“, составен од Зое Пиа и Матс Густафсон. Зое Пиа е италијанска кларинетистка, композиторка, музички ентузијаст и истражувач од Сардинија, а Матс Густафсон е познат шведски саксофонист, импровизатор, композитор и херој на скандинавската фри-џез сцена. Заедно најавуваат патување низ досега неистражени аудио предели и подлабоко проникнување во богатите култури на традиционалната музика и новите креативни јазици на експерименталната музика.
Третата фестивалска вечер е посветена на големите имиња на џезот, но и на солидарноста со бегалците. Скопскиот џез фестивал, во соработка со УНХЦР, веќе петта година го негува проектот „Џез за солидарност со бегалците“, упатувајќи уште еден гласен апел за престанок на сите вооружени непријателства, насилство, прогон и кршење на човековите права, како и емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените… Бидејќи џезот ни помага да растеме и да бидеме подобри луѓе кои градат подобро општество.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.