Традиционалниот концерт на Филхармонијата во Градски парк во Скопје ќе се одржи на 19 јуни во 21 часот.

Годинава тема е музиката од филмовите на легендарниот режисер Стенли Кјубрик кој важи за визионер со огромно влијание врз светската филмска уметност.

Концертот е насловен „Одисеја 2024“ и е инспириран од енговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“.

Ќе диригира Дијана Имери-Илкоска, а ќе бидат изведени музички теми од Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостаковиќ, кои ги одбележаа филмовите „2001: Вселенска одисеја“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.

– Кјубрик ја гледал музиката како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебни драматургија и естетика – велат од Филхармонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.