Уникатниот спој на звукот на Влатко Стефановски и „Танец“, двата најпознати македонски музички бренда, гарантираат незаборавен сценски спектакл во Белград. Угледниот гитарист и националниот фолклорен ансамбл на Македонија ќе настапат утре, на 25 септември во Коларчевата задужбина, од 20 часот, јави дописникот на МИА од Белград.

Првиот заеднички настап го имавме пред дваесетина години, и тогаш свирев само една работа со нив, потоа поминаа пет години, па свирев друга работа. И така идејата за заеднички проект дојде пред две години, а се реализира минатата есен кога го имавме првиот заеднички концерт во Скопје. Беа направени специјални аранжмани за народниот оркестар, но во малку помодерен дух. На тој концерт можеа да се слушнат многу интересни комбинации на традиционални нумери од богатиот фолклор на македонската музика и мои импровизации, кои се интересни и значајни за некои луѓе, изјави Стефановски за белградска ТВ Нова.

Стефановски со „Танец“ има настапувано неколку пати во неговата речиси пет -децениска кариера во Македонија и во странство. Таа соработка секогаш ја истакнува како значајна и инспиративна за неговата музика, но и за македонската култура. Фолк мотивите се неизоставен елемент на неговата музика, па оваа соработка со „Танец“, реализирана есента 2021 година во форма на концертен албум издаден на ДВД, беше логичен чекор напред.

Поради високата репутација на оркестарот „Танец“ и на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, како композитор/аранжер на фолклорните теми е ангажиран Дамир Имери, врвен македонски инструменталист и автор. Нему му беше доверено да ги спои овие два уметнички и музички бренда на највисоко ниво, соопштија во најавата за овој настан повеќе српски медиуми, меѓу кои и Политика, РТС, Блиц, Нова и други.

Комбинацијата е успешна и овој престижен музички проект одржа извонредни концерти. Освен премиерниот настап на „Есенскиот музички фестивал“ во Скопје, Стефановски и „Танец“ досега успешно настапувале и на познатиот фестивал ЛЕНТ во Марибор во Словенија, како и на престижните летни сцени во Македонија, во амфитеатарот на античкиот град Хераклеја во Битола и во античкиот театар во Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.