Вечерва, со почеток во 20 часот во камерната сала на Македонската филхармонија започнува фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Фестивалот е во организација на дискографската куќа „ПМГЏез“.
На првата интернационална фестивалска вечер настапуваат Спејс Трио (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез состав, Ејот (Eyot).
Дејан Илијиќ е светски познат пијанист и фронтмен на водечкиот српски џез состав „Ејот“, кои романтично и еклектично комбинираат џез со локални и светски етно мотиви. Ејот се најзафатениот српски џез ансамбл, според бројот и фреквентноста на настапите ширум светските џез арени.
Вечерва, покрај Ејот во рамки на фестивалот настапуваат и Спејс Трио, формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Специјално за настапот во Скопје ќе им се придружи истакнатиот џез музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ (Светлост, Одрон Ритуал Оркестар).
Втората фестивалска вечер ќе се одржи утревечер на 24 септември во Македонската филхармонија со концертен настап на сега веќе култните „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација. Публиката ќе има можност да ги слушне во проширен состав-оркестар. Во оваа специјална вечер, пред Сетстат Оркестар ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla со соло изведба на авторска музика на шаркија.
Фестивалот се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, и се реализира со поддршка на Министерството за култура на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.