Со кревање на фестивалското знаме и официјално почна 39.издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Знамето го крена пејачот Таско, кој со Малена лани ја испееја песната „Сафир“, а која според радиодифузерите е најслушана песна во текот на годината. Уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов на денешната прес-конференција рече дека вечерва на сцената ќе се слушнат 14 нови песни. Посочи дека изведувачите на оваа вечер не се сите дебитанти.

Дел настапиле на „Макфест“ и на други фестивали имаат некоја кариера. Меѓутоа сметаме дека не се доволно афирмирани, иако пред нив веројатно престои голема кариера, како обично бива поголем дел од нив ќе имаат кариера од неколку децении, а некои од нив за можеби за неколку години ќе фатат друг правец и веќе нема да се занимаваат со естрада. Меѓутоа наша искрена желба е сите што учествуваат на „Макфест“ оваа и секоја следна година  да имаат голем допринос на македонската музичка сцена, вели Саздов.

Александар Арсовски продуцент од Општина Штип вели дека за реализација на „Макфест“ се работи цела година и се е завршено за да вечерва ја имаме и првата фестивалска вечер.

Оваа година знаете дека изведувачите ќе бидат придружувани со оркестар во живо. Така да дефинитивно публиката ќе може да ужива во овогодинешниот „Макфест“, вели Арсовски.

Јован Јованов член на уметничкиот тим на „Макфест“ рече дека најдобрите пет песни од оваа вечер ќе настапат и утревечер.

Денеска ќе имаат можност да направат уште една генерална проба, за да бидат повеќе спремни за вечер, да немаат трема, да се опуштени, насмеани на сцена и да дадат се од себе, изјави Јованов.

На денешната прес-конференција беше предложено наредната година да има две награди, едната за најслушана песна на радио станиците, а втората за најслушана песна на интернет.

Вечерва во ревијалното шоу ќе настапат Адријана Таневска и Ѓоко Таневски. Водители на двете фестивалски вечери се Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски, а директен преност ќе има на МТВ со почеток во 20.15 часот. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.