Најстарото и единствено македонско радио посветено на промоција на џез-музиката, „Џез ФМ“, стартува со нова програма и онлајн-стриминг. Новата програмска концепција почна со емитување деновиве, на добро познатата фреквенција 100,8 мегахерци, а отсега и онлајн на jazzfm.mk. Се воведуваат нови емисии во утринските и пладневните чесови, со нови водители.
Се стремиме кон претставување нови перспективи и следење на развојот на џезот, обезбедувајќи динамична и релевантна програма со која се поттикнува љубопитноста на слушателите. Програмата е збогатена и освежена со нови водители и емисии. Во утринската програма од 10:30 часот, секој работен ден, преку „Џез панорама”, Јасна нè носи на музичко патување низ светот, запознавајќи нè со различни држави и култури и нивната музика. Во пладневните часови се емитува „Дневна сесија” со Виктор. Секој работен ден од 15:30 часот, тој нè информира за културните настани во нашата метропола, за значајните датуми и случувања од историјата на џезот и нè запознава со новата генерација музичари преку разговори и интервјуа, промоција на нови домашни изданија и настани – вели уредничката на „Џез ФМ“, Стефана Марковиќ.
Отсега, скопското радио е достапно и за пошироката публика, на ниво на целата држава, како и интернационално, преку воведување онлајн-стриминг на jazzfm.mk.
Веруваме дека џезот треба да биде достапен за сите. Затоа обезбедуваме лесно достапна платформа за слушателите да го откријат, уживаат и истражуваат светот на џезот, поместувајќи бариери и правејќи го жанрот достапен за љубителите од сите генерации. Исто така, активно се ангажираме да изградиме широка мрежа од љубители на џезот. Преку поддршка на локалната џез-сцена, соработка со музичарите и поврзување со нашите слушатели, градиме заедница – додава Марковиќ.
Радиото „Џез ФМ“ е посветено на креирање квалитетна музичка програма, едукација на младата публика и претставување на нова музика од локалната и регионалната џез-сцена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.