Во Ливерпул вечерва ќе се одржи првото полуфинале од Изборот за песна на Евровизија. Втората полуфинална вечер се ќе се одржи задутре, на 11 мај, а големото финале в сабота на 13 мај.

Британскиот крал Чарлс Трети призна дека сака да го гледа Изборот, па со неговата сопруга Камила, симболично го вклучија светлото во „МС банк арената“ уште во април, означувајќи го почетокот на подготовките за натпреварот.

Украинската група „Калуш оркестра“ лани победи на „Евровизија“ со песната „Стефанија“. Според тоа, овогодишното натпреварување требаше да се одржи во Украина, но поради војната беше преместено во Ливерпул. Велика Британија минатата година го освои второто место со пејачот Сем Рајдер. Годинешното мото „United By Music“ („Обединети со музиката“) ги содржи боите на Украина и Велика Британија.

Ливерпул веќе влезе во историјата на светската музика – легендарните „Битлс“ се од тој град. Но, тоа очигледно има своја цена… Сместувањето и билетите нагло пораснаа откако се дозна дека Ливерпул ќе биде град-домаќин на овогодишниот „Евросонг“.

Така, за едно ноќевање неделава, додека трае натпреварувањето, треба да се издвојат повеќе од 2.000 евра.

Ниту цените на влезниците не се евтини. Пробите, на пример, може да се следат за дури 34 евра, а билет за финалето в сабота на 13 мај чини и до 427 евра. Сепак, салата е веќе целосно распродадена. Оние пак, кои сакаат посебно искуство во ВИП-ложата, ќе требаа да издвојат 4.260 евра по лице, но со одличен поглед на бината, шампањ и „шведска маса“.

Меѓутоа, тие цени не важат за украинските бегалци. За нив британското Министерство за култура, медиуми и спорт набавило 3.000 билети, што значи дека, како што вели британската министерка за култура – Луси Фрејзер, „илјадници билети им се понудени на воените бегалци за да учествуваат во шоуто во кое се слави нивната татковина, нивната култура и нивната музика“. Украинците можат да купат билет и за 20 евра.

И градоначалничката на Ливерпул, Џоан Андерсон, изрази големо задоволство што бегалците од Украина ќе може да дојдат во нејзиниот град.

На ова 67. издание на „Евровизија” учествуваат 37 земји – три помалку од лани.

Главен фаворит кај обложувалниците годинава е Шведска, која по втор пат ја претставува Лорин. Таа веќе победи на „Евровизија“ 2012 година, а оваа година настапува со песната „Tattoo“. И Финска има добри шанси – раперот Карија настапува со мешавина од метал, техно и синт-поп и вели дека неговата песна „Ча Ча Ча“ му оддава почит на германскиот бенд „Рамштајн“. Меѓу најспомнуваните во обложувалниците се и украинското дуо „Творчи“ со песната „Heart Of Steel“ и француската пејачка Ла Зара со нејзината „Evidemment“.

На овогодишниот Евросонг, Македонија нема да има свој претставник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.