Скопски џез фестивал организира промоција на второто албумско издание на тандемот Добрила Грашеска / Дориан Јовановиќ под наслов „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“. Промоцијата ќе биде збогатена со мини-концерт. Влезот е слободен.

Промоција на вториот албум на тандемот Добрила Грашеска / Дориан Јовановиќ под наслов „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“, збогатена со мини-концерт, ќе се одржи в сабота, 18 март, 13:00 во Макка Бар (влез слободен)

Добрила Грашеска – вокал, лупови
Дориан Јовановиќ – ут, лупови, електроника

„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од првенецот „Апокриф“, кој едновремено и едногласно ја освои публиката и музичката критика.

Овојпат со осум мелодии, небаре разгледници од минатото со подизбришан штембил, Добрила и Дориан раскажуваат ту весели, ту тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Имено, соочени со прашањето како понатаму, тие најдоа одговор во збогатувањето на едноставноста со помош на електронски модификатори – лупери и процесори кои на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови.

Од познати до непознати песни од нашево поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.

„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49то издание на SJF Records, спремно за уживање на CD, а ќе биде достапно и за даунлоуд и стриминг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.