Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид ги прими членовите на хорот „Златно славејче“.

Претседателката Сиљановска Давкова го истакна големото значење на фестивалот „Златно славејче“ за развојот на креативноста и талентот на најмладите и додаде дека овој фестивал бил расадник на детскиот квалитет и почеток на успешна кариера на многу познати музички имиња низ годините.

Членовите на детскиот хор и солистите на „Златно славејче“ испеаја познати рефрени од овој фестивал, а со коишто ќе се претстават на нивниот концерт во рамки на манифестацијата “Фестивал на водени спортови Охрид”.

Претседателката Сиљановска Давкова им посака уште многу хитови и успешни музички настапи изразувајќи ја својата поддршка за фестивалот којшто веќе 54 години негува вредности преку кои децата се градат како поединци во нашето општество.

Првото издание на фестивалот „Златно славејче“ се одржало на 23 мај 1970 година во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје и традиционално се одржува во рамки на одбележувањето на ослободувањето на Скопје, 13-ти ноември под покровителство на Претседателот на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.