Викендов (12-14 јули) на неколку локации во Преспа започнува уште едно издание на „МЕЕТ PRESPA”, фестивал кој настана од иницијативата да ги поврзе луѓето од сите три страни на езерото, со добра музика, локална храна и дружење.

Преку фестивалот „Запознајте ја Преспа”, се запознавате со културното наследство на еден регион преполн со историски и културни локалитети, вклучувајќи антички цркви, манастири и археолошки локалитети. Регионот има неколку живописни села познати по својата традиционална архитектура и мирен амбиент.

Бидете гости на фестивалот каде музиката, гастрономијата и животот го формираат совршениот триаголник на регионот Преспа”, порачуваат организаторите.

Фестивалот започнува вечерва во село Брајчино со музичка програма на која ќе настапат Марија Каева, Виолета Качакова, Александар Гавровски и Добрила и Дориан Дуо. Оваа музичка вечер е посветена на Мирко Попов кој минатата година беше иницијатор на оваа сесија, која сѐ уште се памети.

Во сабота, на 13 јули на плажата Долно Дупени од 18 до 4 часот наутро ќе се одржи Dupeni Beach Stage на кој ќе настапат диџеи од трите земји кои ги делат водите на Преспанското Езеро: Street Outdoors, Antoin, Andrej Micajkov, Berryqyat, Bobax Bole, Gox, Dejan Dex, Ermilova, Katerinha, Herzel, Emily, Labava varijanta, Nastasya Kish, T Zobe…

Во недела на 14 јули, од 12 часот, посетителите ќе уживаат во Street food фестивалот во Брајчино.

Најдобрата локална храна, вкусовите кои не се забораваат. Придружете ни се на гастрономската авантура која ќе ја паметите долго, велат организаторите на фестивалот.

„Запознај ја Преспа” е фестивал кофинансиран од ЕУ кој се оржува под мотото запознај го триаголникот на овој дел од светот преку музика, гастрономија и животот на локалното население обединето заедно за европска перспектива на регионот.

Во фокусот на тридневниот фестивал е и форумот на кој невладини организации и општините од трите држави кои ја делат Преспа ќе се обединат да дискутираат за спас на овој уникетен екосистем. 

Преспанското езеро и неговиот специфичен и богат екосистем се во длабока криза која преставува опасна закана за овој регион познат по богатсвото на своите природни ресурси. 

Преспа ја делат Македонија, Албанија и Грција и ниту една од овие три држави сама за себе не е во можност да развие систем кој ќе го спречи се поголемото повлекување на водите од езерото предизвикано од климатските промени, но и од човечкиот фактор. 

Под мотото -Обединети за Преспа- од петок до недела на брегот на Преспаснкот езеро, во Претор ќе се одржи Форумот за развој на Преспа кој ќе ги обедини граѓанските организации како и сите други релевантни фактори од трите држави кои ги делат водите на ова езеро” – истакнуваат организаторите.

На Форумот во Претор гости ќе бидат и претставници од Фондацијата на езерото Констанц кое заедно со Преспанското се единствени езера во Европа, чии брегови се протегаат на територијата на три држави. Во случајот на езерото Констанц тоа се Швајцарија, Германија и Австрија. Оваа Фоднација има повеќедеценсико искуство во одржувањето на единствениот екосистем на ова езеро. 

На Форумот за развој на Преспа гостите од овие три држави ќе ги презентираат своите искуства од начинот на кој работат заеднички за заштитата и унапредувањето на екоситемот. Една од точките на дневниот ред е и можност за здружиуивање на сите потецијали од Македонија, Албанија и Грција за заеднички настап на туристичките берзи каде што Преспа ќе биде понудена како единствена дестинација која нуди посета на едно езеро и три држави” – појаснуваат од MEET PRESPA.

Покрај граѓанските организации на Форумот ќе учествуват и градоначалниците од трите општини во трите држави под чија надлежност се водите на Преспанското езеро. На отварањето на Форумот ќе присуствуваат и министрите за екологија и европски интеграции како и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.

Форумот воедно ќе биде инцицијација на заедничка платформа за меѓусебна соработка меѓу граѓанските организации од регионот на Преспа со цел заеднички да конкурираат на повиците за искористување на европскиот фонд за Преспа, тежок 18 милиони евра, а наменет за одржување и развој на природното богатсво и цивилизациски значајното културно наследство.

Средствата од овој фонд на ЕУ (ЕУ за Преспа)- ќе бидат искористени и за изградба на инфраструктурата на граничниот премин Маркова Нога на брегот на Преспанското Езеро, кој ја поврзува нашата земја со Грција. Од овој европски фонд кој го финасира и одржувањето на „Форумот за развој на Преспа”, одвоени се и финасиски средства за поддршка на развој на руралниот туризам и земјоделието.

Форумот за развој на Преспа е во организација на “Евротинк” заедно со партнерите од Грција и Албанија, во соработка со Општина Ресен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.