Заврши уште едно издание на фестивалот „Здраво млади“ за паметење. Фестивалот кој пркоси со својата упорност да биде уникатен мал „голем“ фестивал за вистински музички сладокусци, успеа да собере повеќе од илјада посетители во топлата септемвриска вечер во МКЦ.

На пет бини во преполниот МКЦ настапија повеќе од 20 артисти од 11 земји од светот.

Вечерта започна со настапот на спектакуларниот нов електронски артист YMNK кој буквално ја збуни публиката со својот ритмичко математички интензивен настап. Потем следеше настапот на легендарниот Иан Свенониус, чиј настап бележи повеќе импровизација и комуникација со жедната публика. Клубот МКЦ беше претесен да ја собере присутната публика за ѕвездите на вечерта, Маускович денс бенд кои ја вжештија атмосферата до плафон.

Денсинг салата беше резервирана за пожестоките настапи. Вечерта ја отвори Џутко и Плодови земље, чии хитови во заразни фолк ритми веднаш ги плени срцата на публиката која допрва се загреваше. Следеа домашните херои Мај Тиар, кои по долга пауза, успеја да ја нарушат статиката во набиената сала. Хрватот со далматинско потекло, Војко В покажа зошто толку се очекуваше неговиот настап и зошто во салата буквално снемс воздух. За крај, бината ја докрајчи локалната супергрупа Допе Куќата со специјално изненадување за публиката и концерт до 2 часот по полноќ.

Во киното Фросина се проследија настапите на етно џез колективот Калата, младата поп ѕвезда Жива, новата рап ѕвезда Јоланде Башинг и впечатливата музичарка на укулеле Рита Брага.

Најголемото збиднување на фестивалот сепак беше резервирано за платото пред МКЦ, на кое повеќе од 7 часа со брутален сет настапија диџеј Фиц, Ертунч Сали и Ајнур Касо.

И ова издание на „Здраво млади“ покажа дека скопската публика осцилира во ист бит, битот на модерната, различна и колоритна музика, изјавија од МКЦ.

Организаторите најавуваат уште пожестоко издание за следната 2024 година, чиј датум наскоро ќе биде објавен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.