Последната од овој циклус “светска” сабота во Јавна соба е на 6. април, а го заокружува лиричното Добрила и Дориан Дуо. До сега во рамките на “Светско, а наше” – фестивалот на светска музика, изведена од македонски бендови се одржаа 7 концерти од овој жанр. Почнувајќи од февруари, секоја сабота вечер во Јавна соба, настапија бендовите: Калата, Зарина Првасевда, Фолтин, Чалгија Саунд Систем, Афро Гитано, Пијан Славеј и ВИС Билјана и почнаа да мапираат една нова аудио супкултура. Со преполните вечери во интимната концертна сала на поткровјето на Јавна соба, Скопје доби освежување со еден нов мини фестивал, кој дефинитивно заслужува внимание и верба дека ќе продолжи и во иднина.
Иако одамна се другари и соработници Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ во 2020 започнаа проект кој го заокружија со албумот Апокриф (SJF Records, 2021). Од една страна, Добрила пее македонски традиционални песни, истовремено играјќи си со тишината, но и импровизира со мелодија која ја носи кон шумови и тонови, а од друга, Дориан свири на ут – инструмент со 12 жици, познат низ целиот Медитеран. Нивниот првенец претставува фузија меѓу знајното и незнајното, прифатеното и непознатото, тишината и звуците од околината и желбата за осознавање и препознавање. Oвој албум беше оценет како ремек-дело од жанрот „музика на светот“ со што дуото започна да се претставува низ големите концертни сцени во Европа.
Во март, 2023 година повторно под етикетата на SJF Records, се појави албумот под име „Пиле шарено“. Очигледно Добрила и Дориан Дуо го пронајдоа одговорот и формата затоа што “Пиле шарено” веднаш по појавувањето доби феноменални оценки искачувајќи се на највисоките места и на регионалните и на светските топ-листи од „музиката на светот“. “Пиле шарено” е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.
Добрила Грашеска – вокали, лупови
Дориан Јовановиќ – ут, електроника
World Music Saturday е мотото на фестивалот “Светско, а наше”, кој се одвива во Јавна Соба. Билетите можат да се купат на: https://bileti.drugastrana.mk/index.php?id=406
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.