Пред неколку месеци како гром од ведро небо дојде информацијата дека од овој свет си замина легендарниот виртуоз на саксафон, најдобриот на овие простори – Кралот Ферус Мустафов.

Тоа како да не беше доволна трагедија во семејството Мустафов, па по неколку месеци од смртта на Ферус, почина и неговиот син Илми Мустафов.

Најмногу овие трагедии го погодија внукот на Ферус, односно синот на Илми, Ферчо Мустафов, кој е нивниот наследник и според многумина, единствениот кој може да го замени кралот на саксафонот.

Инаку Ферчо уште пред смртта на Ферус и Илми се пресели во Србија, каде живее и соработува со најголемите тамошни ѕвезди како Цеца и многу други.

Младиот музичар пред неколку дена го заврши снимањето на видеоспотот за заедничкото оро кое го создале токму тој, татко му и дедо му Ферус.

Како што вели тој, за жал во спотот се појавува само тој, иако планот било и видеото да го снимаат тројцата, но судбината одлучила да биде поинаку…

„Пред два дена го завршивме снимањето на видеоспотот за орото кое го работевме заедно со дедо ми и татко ми. Поради ситуацијата што се случи, спотот го снимав сам. Тој ќе биде готов за дваесетина дена од сега, па публиката ќе има прилика да го види и слушне она што го создадовме со дедо ми Ферус и татко ми Илми“, вели младиот виртуоз Ферчо.

Инаку како што напоменавме, Ферчо живее и работи во Белград, каде соработува со најголемите ѕвезди, а полека, но сигурно тој станува еден од најбараните дувачи на овие простори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.