Новиот албум „Ќеиф“, џез-музичарот Васил Хаџиманов со својот бенд ќе го промовира со концерт во Скопје на 12 април на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) од 20 часот.

Албумот „Ќеиф“ е осми студиски албум на бендот и објавен е во дигитален и CD формат од страна на хрватската издавачка куќа „Кроација рекордс“. Содржи девет песни продуцирани од Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски.

Насловот на албумот, ќеиф или мерак, или гушт, како сакате, сето тоа исто значи, го дадовме по сите лоши нешта кои ни се случија за време на пандемијата, кога имаше многу страв, болест, смрт. По сето тоа, сите треба да правиме музика и нешта за нечиј и за свој ќеиф“, кажа Хаиџманов денеска на прес-конференцијата во Скопје.

Оваа исклучителна група на музичари веќе долги години ја воодушевува публиката ширум светот со својот единствен звук и енергија, а нивниот нов албум повторно носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и како и досега, креативни експерименти со различни музички стилови и ритми.

„Васил Хаџиманов бенд“ постои 27 години, среќни сме што успеавме да снимиме осум албуми досега. Тоа е успех за музичари кои работат исклучиво во овој регион, на овие наши простори како и да се викаат тие“, рече Хаџиманов.

Тој кажа дека уживал додека го снимале албумот и дека е задоволен како испаднал.

Продуцентот Тони Китановски посочи дека ова му е трета соработка со Хаџиманов.

Васил Хаџиманов е музичар со единствен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива врска на регионалната џез сцена и поединец кој во себе носи дел од своите предци кои, секој на свој начин ги обележија музичките простори на Балканот, беше кажано на прес-конференцијата.

Концертот во Скопје го организира „А продукција“.

Васил Хаџиманов е музичар со единствен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива врска на регионалната џез сцена и поединец кој во себе носи дел од своите предци кои, секој на свој начин ги обележија музичките простори на Балканот. .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.