Музичкиот фестивал ТАКСИРАТ годинава собра повеќе од 20.000 посетители и тоа само во досегашната програма на актуелното издание во чии рамки допрва следуваат уште два големи настани и тоа: „Лузер Фест“ во сабота на 3 декември и главната вечер на „ТАКСИРАТ“ на 7 декември! Во низата веќе одржани настани, последен и меѓу најпосетените досега беше ПИН – меѓународниот шоукејс фестивал и конференција, кој во склоп на „Таксират“ се одржуваше минатиот викенд во Скопје со повеќе од 6.000 луѓе од цела Европа и подалеку, кои во вкупно три дена и три ноќи, како никогаш досега го исполнија буквално целиот простор на Младинскиот Културен Центар. Од 24 до 26 ноември ПИН беше музичкиот епицентар во југоисточна Европа и збирно место на дејците од европската музчката индустрија. Запишувајќи се како еден од најзначајните вакви настани во регионот, ПИН годинава беше домаќин на над 350 делегати, експерти од музичката индустрија од 32 држави, најмногу од Европа но и од другите континенти, меѓу кои беа и повеќе од 60 говорници кои ја збогатија дневната панел-програма, додека пак концертите на скоро 45 изведувачи кои пристигнаа од 16 различни земји ги „оживеаја“ скопските ноќи.

Претходно пак, во рамки на ТАКСИРАТ, се одржаа и низа целосно распродадени концерти и тоа два на светскиот музички феномен „Дед Кен Денс“ во Филхармонија, потоа Ману Чао и „Хладно Пиво“ во МКЦ и секако неодамнешниот фантастичен концерт на светски познатиот виолинист, маестро Андре Риу во Арената „Борис Трајковски“.

ПИН НА ТАКСИРАТ СТАНУВА НАЈЗНАЧАЕН МУЗИЧКИ СОБИР ВО РЕГИОНОВ

Свеченото отварање на конференцијата, го обележа ова издание како едно кое имаше многу прилики да прославува, најпрво со оддавање почит од страна на ПИН преку доделување на „Такисрат“ наградите. Овие награди беа доделени до: Оливер Белопета за своето влијание во џез музиката, именувајќи го – „македонски џез претседател“, Кирил Џајковски – претставникот на нашата држава ширум светот како „македонски амбасадор“, Младински Културен Центар како домот на музиката во Скопје и „Скопско“ за македонски бренд по повод нивните 100 години постоење. Притоа и на ПИН официјално му беше предадена наградата за „Најдобар нов настан“ чие признание го освои оваа пролет на Годишните награди за музички конвенции (YMCA) доделени од страна на реномираниот британски фестивал „Д Грејт Ескејп“ (The Great Escape).

Во рамки на концертната програма, ПИН на македонската публика ѝ претстави извонредни изведувачи од 16 држави од Европа, како и домашните артисти кои го докажаа своето несомнено влијание па МКЦ беше преполно како никогаш досега за македонските легенди „Верка“ кои успешно го прославија 20-тиот јубилеј од нивниот деби албум „Џага“, а голем одзив имаше и за панк ѕвездите „Паркети“, како и најмладите од домашната сцена „Короужон“ (Corrosion), „Луфтанза“ и „Доуп Куќата“.

Продолжувајќи го трендот на прославување, инди-рок бендот од Романија, „Зимбру“ за време на ПИН беа прогласени за победници на годинашните ХЕМИ Музички Награди (HEMI Music Awards 2022). Овие музички награди се создадени со цел да овозможат повеќе можности во интернационалната кариера на нови, млади музичари од централна и југоисточна Европа. Имено, секоја година се избираат 27 изведувачи од 9 европски држави (Македонија, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Полска, Романија, Србија, Словенија), од кои потоа 9 финалисти продолжуваат во втората фаза со шансата да бидат добитници на наградата вредна 5000 евра која ги покрива трошоците на артистот за време на настапите низ европските фестивали. Од македонските изведувачи оваа година финалисти беа скопскиот бенд „Зулу 3.4“, а во првата фаза покрај нив во трката учествуваа „Луфтанза“ и Дина Јашари.

Со прогласувањето на победникот веќе следниот ден беше отворен и новиот повик за пријавување за ХЕМИ Музичките Награди за 2023. Сите заинтересирани млади соло музичари или групи можат да се пријават на повикот најдоцна до 8 јануари 2023, преку официјалната страна на ХЕМИ (https://hemimusichub.com/open-call-2023/). Овогодинешното издание на ПИН музичката конференција беше организирано со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI), проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

И секако, најголемото исчекување е за главната вечер на ТАКСИРАТ на 7 декември во скопската Арена „Борис Трајковски“ каде што во осумчасовна програма, со настапите на 12 музички артисти и со најголемата забава на две бини ќе биде официјално затворено годинашното, маратонско 24-то издание на Фестивалот! Главната бина на ТАКСИРАТ 2022 ќе биде домаќин на врвни музички изведувачи од светската, регионалната и домашната сцена и тоа: берлинскиот техно великан БЕН КЛОК, британската р’н’б сензација АЈЕМДИДИБИ, најпопуларниот инди-поп тандем во регионов БУЧ КЕСИДИ од Србија, енергичните каталонци ЛА ПЕГАТИНА, германските легенди на метал-сцената СОДОМ, едно од најзначајните имиња на македонскиот рап ЗАД АГОЛОТ и докажан претставник на македонската електронска музичка сцена, диџеј ФЛУДЕР. Втората бина е традиционално резервирана за ѕвездите на трап музичката сцена од Македонија и регионот, а актуелниот звук годинава ќе ни го претстават: ХИЉСОН МАНДЕЛА, БАША, ПРИНЦЕС ДОНАТСУ, ЈАНГ ДАДИ и ДОНПЛЕЈА.

Во моментов актуелна е акцијата со најповолните билети за главната вечер на ТАКСИРАТ кои се достапни во продажба со супер-промо цената од 700 денари. Посетителите кои допрва ќе ги набавуваат своите влезници треба што поскоро да ја искористат оваа прилика, бидејќи овие билети се пред распродавање и ќе бидат достапни во продажба НАЈДОЦНА ДО НЕДЕЛА, 4 ДЕКЕМВРИ. Сите новости, информации за програмата, билетите и продажните места се објавени на официјалната интернет страница на Таксират: www.taksirat.mk .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.