Скопското трио My Tear планира на почетокот на следната година низ регионот концертно да го претстави албумот „Кога не се сакаме“, којшто беше објавен кон средината на септември.

Пред сето тоа, ќе одржат концерт на домашен терен, во петок на 6 декември, во Станица 26 во Скопје. „Кога не се сакаме“ е достапен на YouTube, Bandcamp, како и на сите дигитални платформи, а до крајот на годината и на плоча како заедничко издание на независните издавачи Corpus Delicti од Македонија, JaJaJa Records од САД и Pop Depresija од Србија.

My Tear се Дени Крстев (вокал и гитара), Кристијан Лафазановски (тапани) и Ненад Трифуновски (бас). Идејата на бендот е албумот да звучи како модерна варијанта на македонските бендови од осумдесетите како Хаос ин Лаос, Токму така, Падот на Византија, Мизар, Бадмингтонс…

 

Пред излегувањето на албумот објавени се два сингла – „На старите станици“ и „Истото го сакаш“, кои беа одлично примени во регионот, а на „Кога не се сакаме“ се наоѓаат уште седум песни, меѓу кои и „Овој ден“ од репертоарот на Фонија. Во 2019 година My Tear го објавува својот истоимен албум како дигитално издание и на плоча, а пет години подоцна, добропознатите андерграунд воини и членови на бендовите 21 век, Фонија, ХАХАХА, FxPxOx, Bernays Propaganda се на нова мисија да го дадат својот најдобар концерт досега.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.