Четиринаесеттото издание на музичкиот фестивал „Здраво млади“ ќе се одржи на 11 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ). Програмата ќе започне во 19 часот и влезот ќе биде бесплатен.

На фестивалот ќе настапуваат 17 артисти од шест различни земји од Европа.

Од македонската сцена ќе свират селекција на бендови артисти од музичкиот колектив „Гола планина“ и издавачката куќа „Мртов коњ“, и тоа дарквејв артистката Aта, дрон/фолк артистот „Стој после“, панк-рок изведувачот Димиш, инди составот „Занаду“, психоделичните „Корпорација Вагина“, како и енергичните „Клотљуди“ од Белград. Од диџејскиот свет ќе настапуваат Пепи и Шабан.

„Оваа година, МКЦ оствари тесна соработка со Холандската амбасада во Скопје, каде со нивна организациска и финансиска поддршка, како и поддршката од партнерите од европската мрежа ‘Liveurope’, ќе се реализира музичката програма насловена како ‘Liveurope & NL’ селекција“, велат од МКЦ.

Во рамките на оваа селекција ќе настапуваат иновативните „Velocity Made Good“ (NL), експлозивното трио „Housepainters“ (NL), соло проектот и хрватскиот хит „Идем“ (HR), панк изведувачот „Тandara“ (HR) како и полските џез експериментатори „Kosmonauci“ (PL).

Во соработка пак со холандската издавачка куќа „Yugofuturism“, на фестивалот ќе може да се слушнат интензивното нојз трио „Texoprint“ (NL), андерграунд нојз- поп сензацијата „Søwt“ (NL), кантавторката „Eerie Wnada“ (NL/HR), како и диџеј сет на независниот промотер, агент и менаџер на издавачката куќа „Yugofuturism“, Кун Хегде или диџеј Vikendica.

Свој диџеј сет ќе има и резидентниот диџеј на Здраво Млади уште од своето прво издание, Диџеј Фиц од Ирска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.