Четвртата по ред нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме“ е „Море сокол пие“во изведба на младата и талентирана Мина Блажев, која вели дека е пресреќна што со својата изведба ќе придонесе за зачувување на нашето културно богатство.
Ми претставува огромна чест и благодарна сум што сум дел од овој прекрасен проект, како и што со мојата изведба ќе придонесам за зачувување и негување на нашите македонски патриотски песни и културното богатство. Многу сум среќна што се споивме 12 одлични изведувачи и што заедно со целиот тим имаме една заедничка мисија, а тоа е на нашите македонски песни да им го продолжиме векот и да ги доближиме до новите генерации. Чувствувам огромна одговорност што во овој проект ќе се претставам со песната „Море сокол пие“, која е една од моите омилени македонски песни и која на секое слушање буди посебни чувства во мене. Токму затоа и сакав оваа прекрасна македонска народна песна да ја слушнете во една поинаква верзија, полна со емоции и со еден посебен, мој личен печат. Со целиот тим сакаме да допреме до новите генерации, но, секако, во убавата песна да уживаат и постарите. Верувајте дека сите навистина се вложивме максимално во творењето на оваа верзија и сигурна сум дека по слушањето на истата и вие ќе го почувствувате тоа! Сигурна сум дека со овој проект ќе придонесеме за обединување на нашиот народ со вистината која ја носат овие патриотски песни и ќе успееме да ги оствариме и останатите цели на овој прекрасен проект!“, вели Мина уште еднаш порачувајќи сите да слушаме македонска музика и да си ги почитуваме и негуваме корените од каде што потекнуваме!
„Море сокол пие“ е македонска народна песна за која постојат неколку верзии, а се претпоставува дека првата снимка е направена врз основа на онаа најстарата датирана од 1837 година.
Последната верзија во изведба на Мина Блажев е со потписот на Николче Мицевски, кој е автор на аранжманите на целиот проект составен од 12 нумери во изведба на 12 изведувачи, и од светот на фолкот и од светот на забавната музика. Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот се потпишува Скендеровски продукција.
Дел од „Македонијо во срце те носиме“ освен Мина Блажев, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски, чии изведби публиката веќе имаше можност да ги чуе, се и: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Марија Спасовска и Зуица Лазова.
Публиката ќе има можност сите 12 песни да ги чуе и во живо, бидејќи како дел од проектот наесен планиран е и концертен караван кој под истото име ќе ја обои Македонија во најубавите звуци – да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кои ни го оставиле генерациите пред нас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.