Марко Николиќ покажa како звучи кога пее во живо! Во разиграна атмосфера заедно со својот бенд првично ги отсвире песните од новиот албум, а потоа, како што рече, отсвире и нешто за душа.

Српскиот пејач дојде во Скопје на домашната публика, со жив настап да и го претстави својот последен студиски материјал насловен „Доѓи да те волим“, а публиката, меѓу која имаше и македонски музички ѕвезди, наизуст ги пееше неговите песни и уживаше во атмосферата која дополнително се вжешти со изведбата на „Македонско девојче“.

„Доѓи да те волим“ е музички проект со 10 песни полни со љубов, романтика и нежни ноти, а кај нас тој, како што вели самиот, го промовира бидејќи за Македонија го врзуваат прекрасни спомени од детството.

Македонија, нејзината историја, богатото културно наследство и музиката исклучително ги ценам и почитувам од мали нозе. Кога бев мал доаѓавме на Охридското Езеро, а во нашиот дом на прославите мама и тато често пееја македонски песни. Не можам да не го споменам ниту Тоше Проески, кој, според мене, беше и остана најдобриот пејач на овие простори, вели Марко.

Името на Марко Николиќ во 20 години долгата професионална музичка кариера се сретнува како автор на музика, текстови и аранжмани за хитови во светот и на поп и на народната музика. Завршил музичко училиште во Ниш, каде е и роден, а во 1997 година ги започнува студиите во Грац, каде дипломирал на отсекот Џез и соло пеење. Од тогаш активно компонира и пишува текстови за некои од најголемите музички имиња во Србија.

Особено е горд на музиката за документарецот за кралското семејство и дворецот Вадуз во Лихтенштајн. Во 2002 година се сели во Виена каде и денес живее заедно со семејството.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.