За големиот јубилеј, 30 години „Охрид фест“, Љупчо Соколовски од позиција на уметнички директор на Фолк вечерта продолжува со заложбите на фестивалот да се чуе старатата охридска песна, да доминираат мандолина, тамбура, кларинет…
Како минатата така и годинава, како уметнички директор на Фолк вечер на „Охрид фест“ целта ми е се да е на високо ниво, уште подобро од лани, кога според многу компетентни критичари и новинари од музичката фела добивме позитивни критики дека фестивалот е еден од најдобрите за 2022 година. Да потсетам: имаше доста наши квалитетни музички звезди кои се претставија со навистина квалитетни песни. Годинава сум уште поинспириран бидејќи го имаме големиот јубилеј, 30 години траење на фестивалот. Се е како што треба: ќе настапат еминентни имиња од фолк сцената, вистински ѕвезди: дуети, Наум Петрески и Лилија Семкова, Тања и Новица, потоа Зуица Лазова, Благица Павловска, Душко Георгиевски, Перо Христов, Петар Нечовски, ансамбл „Билјана“, Катерина Танева и група Сарај, Нино Величковски.., и секако ќе им дадеме шанса на дебитантите. На 1 септември од Долни Сарај ќе се разлеат песни во духот на охридскиот мелос, можеби во помодерни аранжмани но сепак ќе биде запазен звукот на мандолината, тамбурата, кларинетот и виолината. На сите учесници им посакувам успешен настап.
Вели дека ќе видиме доста познати пејачи што ќе изведат нови 20 песни .
Исто така можам да се пофалам дека имаме различни автори застапени на фестивалот, што е голем адут, бидејќи стилски ќе се разликуваат, ќе имаме различни мелодии. Во ревијалниот дел ќе настапи нашата фолк дива Сузана Спасовска, која има неколку настапи на „Охрид фест“ и тие песни ќе ги слушнеме токму сега. Ќе има и неколку изненадувања, да оставиме гледачите да уживаат во ова единствено музичко патување.
Уверува дека ќе има големи музички имиња, но не ги открива гостите…
Да бидам искрен, потешко е да се обезбеди квалитетно пејачко име, од причина што тие се предходно веќе ангажирани, станува збор за викенди кога најмногу се активни и настапуваат. Има доста наши пејачи од дијаспората кои сеуште се тука во тој период, ќе се дружиме со нив…Како и да е, годинава ќе имаме доста големи музички имиња, ќе биде вистински празник на музиката. Околу прашањето- дали со добра песна може да се одрани фолкот , ех… тоа е големо прашање но во кратки црти можам да одговорам . Првин ќе ги посочам телевизиите (оние со национална концесија) колку тие пуштаат македонска музика и во кој период. За жал, многу малку, што е и една од причините но и самите изведувачи не вложуваат во новите песни туку се насочени на обработки на народни песни или во голем број преработки на веќе авторски снимени песни. Но за среќа ќе речам, сеуште ги имаме фестивалите како што е „Охрид фест“ каде навистина може да се чуе добра песна, она што останува како браник наспрам сите „наезди“ од соседите. Тие што ќе бидат во Охрид ќе се уверат на лице место, а истото може да го направат и гледачите преку директниот пренос на „Охрид фест“ на МТВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.