Изминативе години, откако започна проектот, по иницијатива и менторство на композиторката Дарија Андовска, се запознавме со бројни филмски режисери и композитори, кои со своите изрази придонесоа кон развојот на прекрасни композиции, испреплетени во бројни краткометражни филмови, препознаени од европската публика. Сето во координација со нашите колеги Ангел Спироски и Јане Спасиќ, на кои сосема им се заблагодаруваме за нивниот несебичен придонес изминатите изданија.

Оваа година, проектот што ќе здружи 13 филмски режисери и композитори, го координира Дино Чупевски. Започнувајќи од 9 јули, па сѐ до 17 јули кога ќе се случи финалната презентација во киното Фросина, композиторите Ребека Вилпу од Естонија, Изабела Калмет од Перу, баритонот Робин Де Јагер од Белгија и нашите домашни композитори Глигор Кондовски, Анастазија Голчева, Никола Малинов, Дарко Јованов, Никола Ивановски, како и студентите Михаил Димовски и Никола Весев од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, ќе работат на четирите филмови кои оваа година влегоа во селекција, и тоа, под режисерските палки на Утку Чирак од Турција, Луис Соса од Мексико и нашите Леон Ристов и Бојан Василев.

Оваа иницијатива претставува возбудливо истражување и реализирање на современи уметнички дијалози и заеднички потфати во сферата на европскиот филм, што ја истакнува нашата посветеност да ги поместиме границите и да продолжиме да го градиме Синедејс како еден од клучните филмски фестивали во земјава. Придружете ни се додека истражуваме нови формати на соработка и раскажување филмски приказни при создавање свежи композиции.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.