Со два концерта во Националната опера и балет вечерва се затвора 43. издание на Скопскиот џез фестивал.

Од 20 часот настапува легендарната американска флејтистка Никол Мичел, во придружба на тапанарот Марк Сандерс.

Покрај тоа што компонира и предава на универзитет, Мичел е креативна флејтистка која успеа да развие уникатен импровизаторски јазик што во повеќе наврати ѝ ја донесе титулата флејтист на годината во изборот на списанието „Даунбит“. Во комбинација со Сандерс, тие создаваат оригинален и минималистички звук.

Седумнаесетчлениот состав „Фајр!Оркестра“ ќе ја преземе сцената од 22 часот, што ќе биде негово враќање на СЏФ по десет години пауза.

„Идејна творба на шведските музичари Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (тапани), ‘Фајр!Оркестра‘ низ годините прерасна во опасен колектив кој им пркоси на конвенционалните жанровски граници, развивајќи свеж пристап кон импровизираната музика со влијанија од слободен џез, психоделичeн рок, пост-боп, ноиз, краутрок и даб“, велат од СЏФ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.