LAIBACH доаѓа во Битола како дел од европската турнеја „Love Is Still Alive“ на Фестивалот на музика од светот. Култниот словенечки музички бенд на 25.11.2023 ќе настапи на сцената на Центарот за култура. Битола е ставена на мапата заедно со градови од Скандинавија, земјите од Бенелукс, Централна Европа и Велика Британија.
Како и секоја година во изминатите 15 и годинава од 23 до 25 ноември во Битола ќе се одржи годинешното издание на “Фестивалот на музика од светот“. Годинешното издание на овој, по многу нешта специфичен фестивал, ќе биде под мотото “Една сцена, звук на светот”, а покрај во Големата сала на Центарот за култура во Битола ќе биде и на други локации.
-Ова е фестивал кој своето прво издание го имаше во 2009 година, а се до денес на наше задоволство реализирана е голема продукција на настани. Се надевам дека и во иднина Битола ќе ја запишуваат на мапата на светските фестивали и ќе бидеме се поатрактивно место не само за домашните и балканските туку и за светски уметници. Годинава имаме јубилеј кој е значаен по многу нешта, ќе понуди програма за која долго време ќе се зборува после фестивалот. Оваа година како партнери се “Олабај“ и “Јуроп хаус“ во оф програмата која за нас е од посебно значење, рече директорката Маја Андоновска – Илијевски.
Она што е карактеристично за годинешното издание на фестивалот е настапот на групата “Лајбах“, а Битола е дел од нивната приказна која ќе се случува низ европските градови, “Love is still alive“. Тие ќе одржат целовечерен концерт во големата сала на Центарот за култура, едно визуелно,музичко и театарско доживување.
-Групата “Лајбах“ во својата европска ноемвриска турнеја, а меѓу 20 градови од Европа е Битола на наше огромно задоволство и гордост. Концертот “Love is still alive“ ќе биде настан кој битолчани долго ќе го паметат и е настан кој можеби дваесет години не ни се случил, да гостува една група од ваков калибар. За нас како Центар за култура е огромен предизвик бидејќи да пречекаш уметници од типот на “Лајбах“ значи добра техничка подготовка за концертот да изгледа како и концертот во Лондон. Она што ќе се доживее во сабота во Центарот за култура ќе се памети зошто “Лајбах“ со својот тематски концерт не може да се види било каде и било кога.
За “оф програмата“ Маја Ангеловска од “Олабај“ рече:
-Со „Олабај на Фестивал на музика од светот“ ја завршуваме програмата на Олабај за 2023 година. Годинава “Олабај“ ги надополнуваше програмите на дел од меѓународните фестивали во Битола. Започнавме со “Битола отворен град“, продолживме со “Битола Шекспир фестивал“, пред 2 месеци бевме дел од меѓународниот фестивал за филмска камера “Браќа Манаки“ и денес сме овде, на наше задоволство, на “Фестивал на музика од светот“ за што уште еднаш би сакала да го искажам задоволството за ова партнерство помеѓу “Олабај“ и Центар за култура Битола. “Олабај“ е приказна поддржана од Министерство за култура и бизнис заедницата каде предводник е компанијата Божиновски часовници и накит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.