Наградата што Скопскиот џез фестивал традиционално ја доделува за најдобар млад македонски џез музичар (отсега без придавката „млад“), годинава ќе ја освои нашиот истакнат џез саксофонист и едукатор Кирил Кузманов. По дипломирањето и магистрирањето со највисоки оценки на престижниот Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, се враќа во Македонија, каде што е еден од најактивните актери на џез-сцената. Член е, а воедно и еден од основачите, на биг-бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, денес познат како Национален џез оркестар. Учествува во снимањето на бројни албумски изданија на реномирани домашни и интернационални ансамбли. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпознатите џез клубови и концертни сали и подиуми во Европа, како Melkweg (Амстердам), Porgy & Bess (Виена), Fabrik (Хамбург), JazzKeller (Франкфурт), Moods (Цирих), Kino Šiška (Љубљана), Stadtgarten (Келн), Domicil (Дортмунд), Wienerkonzerthaus (Виена), Ampere (Минхен), StadtHalle (Грац), B-flat (Берлин), Global (Копенхаген) и други. Тој е насловен вонреден професор по саксофон и џез ансамбл на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Наградата „Најдобар македонски џез-музичар“ на Кузманов ќе му биде врачена в четврток, во МКЦ, пред настапот на Next to Silence на 43. Skopje Jazz Festival.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.