Кики Лесендриќ, една од иконите на српскиот рокенрол звук во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, ќе настапи на Интернационалната вечер (3 септември) на 29-тото издание на „Охрид фест“.

Евергрините „Свет је леп када сањамо“, „Заборављени“, „Као птица на мом длану“.., ќе ја потсетат македонската публика на нежните балади и специфичната боја на гласот на Лесендриќ.

Кики, каде ве наоѓам моментално, и што вообичаено правите во овој летен период?

Моментално сум на Санторини во Грција, но бргу се враќам за Белград, па почнувам со јулските концерти. Главно, преку лето сум на Закинтос, а се враќам за концерти.

Македонската публика ќе има можност да ве види и слушне на „Охрид фест“. Од кога не сте биле кај нас, имате ли убави спомени од Македонија?

Не сум бил во Македонија навистина долго. Но, во еден период со „Пилоти“ свиревме многу кај вас, мислам, сигурен сум дека скоро и да не постои место каде не настапувавме. Се надевам дека новиот албум на есен, повторно ќе не донесе во Македонија, дека повторно ќе свириме, и тоа ќе го правиме со посебно задоволство.

Од вашето богато музичко и животно искуство- како автор, пејач, продуцент, ментор.., кој период го сметате за најважен? На што сакате да се сетите?

Секоја од тие станици мене ми е драгоцена. Почетокот во 1981 година е како прв бакнеж во училиште. Понатаму навистина имаше различни периоди, од луди 80- ти па се до војната, моето заминување за Грција и подоцнежното враќање со албумот „Месец на вратима“. Многу години се зад мене, но некако сеуште сакам да снимам и да сум на сцена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.