Во Националната опера и балет во Скопје, Камерниот оркестар на Битола, одржа спектакуларен концерт со евергрини, именуван „ MTV 80’s & 90’s The Greatest Hits!“.
Сите се сеќаваме на деновите кога MTV беше прозорец кон еден нов, и бескраен свет на музика и емоции. Во тие времиња, секој акорд, секој стих носеше во себе честичка од младоста и енергијата која ги одбележа тие децении.
Имајќи ја во предвид важноста на музиката од тој период, Камерниот оркестар на Битола го подготви спектактуларниот проект „MTV 80’s & 90’s The Greatest Hits“, кој за прв пат беше изведен во Центар за култура- – Битола на 14 септември 2023 година, а картите за концеротот беа распродадени за само три часа. Прекрасните звуци од најголемите хитови од 80тите и 90тите оживеаа на сцената благодарејќи на Камерен оркестар на Битола пренесувајќи ја магијата на тие времиња. MTV 80’s & 90’s не беше само музички период – тоа беше ера која ја дефинира иднината.
По воодушевувачкиот концерт, што се одржа во полната сала во Центарот за култура – Битола, Камерен оркестар на Битола одлучи овојпат скопската публика да ужива во нивните изведби.
Со преку 100 учесници, вклучувајќи 10 изведувачи (домашни и странски), оркестар во полн состав, поп рок хор и балетски играчи при Национална Опера и Балет, присутните имаа можност да уживаат во најголемите хитови на безвременските Тина Тарнер, Витни Хјустон, Мајкл Џексон, Шер, Аеросмит, Рики Мартин, Алана Мајлс, Чака Кан, Мадона и многу други.
Секогаш сум пресреќна кога се случуваат културни настани во земјава, а посебно ме радува интересот на нашите граѓани за она што имаат да го покажат нашите изведувачи. И овој концерт е потврда за квалитетот на нашите артисти и негувањето на културата на нашето тло. Се надевам дека и во иднина, како и досега Камерен оркестар на Битола ќе доживува огромни успеси во државата, но и надвор од границите, потенцираше Костадиновска-Стојчевска, по завршување на концертот.
Концертот на Камерен оркестар на Битола, именуван „ MTV 80’s & 90’s The Greatest Hits!“ беше проследен со огромни овации од страна на присутните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.