Денеска, 29 мај, среда, во 18 часот, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, ќе се одржи интерактивниот концерт и работилница за деца со „Фамилија Металковци“. Станува збор за едукативен концерт на музичарите од групата лимени дувачки инструменти во оркестарот на Македонската филхармонија. Преку овој интерактивен проект музичарите ја запознаваат помладата публика со специфичноста и карактерноста на секој од инструментите што припаѓаат на оваа оркестарска група.

Настанот е дел од новиот фестивал „Видик“ кој е во организација на „Литература.мк“. Од 16 мај до 16 јуни, во книжарниците на „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Скопје сити мол“, се одржуваат дваесетина настани, кои ги обединуваат литературата, музиката, театарот, дизајнот и филмот, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата.

Во првите две фестивалски недели се одржаа промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарска изведба, изложба на илустрации и друго. Во исто, темпо продолжува богатата програма на фестивалот за литература и општа култура, кој на публиката ѝ нуди квалитетна содржина и непосреден контакт со најактуелните автори и проекти

На истата локација, в петок (31 мај), во 21 часот, публиката ќе ужива во концертот на гитарскиот виртуоз Мухамед Ибрахими. Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање/слушање во живо.

Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата пет година на различни инструменти, но ако треба да избира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2019 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.