Повеќе од 1.400 фински професионални музичари потпишаа петиција со која се бара забрана за Израел да учествува на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија поради, како што велат, „воените злосторства“ врз Палестинците во Појасот Газа. Доколку Израел не биде исклучен од натпреварот, тие бараат од јавниот сервис ИЛЕ да ја повлече апликацијата на Финска за најголемиот европски музички натпревар, чиј домаќин годинава ќе биде шведскиот град Малме.

Лукас Корпелаинен, еден од иницијаторите на петицијата, за финските медиуми изјави дека не е прифатливо Израел да „учествува на Евровизија за да го подобри својот имиџ“. Меѓу потписниците има музичари кои ја претставуваа Финска на претходните натпревари за песна на Евровизија.

Тие го обвинуваат ИЛЕ за двојни стандарди, велејќи дека радиодифузерот бил меѓу првите кои побарале на Русија да ѝ биде забранет настап на изборот за песна на Евровиозија во 2022 година. Еден ден откако Русија ја започна инвазијата на Украина во 2022 година, претставник на финскиот јавен радиодифузер, Виле Вилен, рече дека нападот на Москва е „против сите вредности за кои се залага ИЛЕ и другите европски радиодифузери“.

Организаторот на Евровизија набргу потоа ѝ забрани на Русија да се натпреварува.

Вилен сега вели дека ситуацијата во Израел и Појасот Газа „не е сосема иста“ како руската агресија против Украина.

Колку и да е ужасно, тоа не е вид на војна што Русија ја започна против Украина, изјави тој за финскиот таблоид Илта-Саномат минатиот месец.

Јере Нурминен, друг претставник на ИЛЕ, изјави дека компанијата ја следи ситуацијата и разговара со ЕБУ и другите јавни радиодифузери. Од финскиот јавен сервис најавија средба и со иницијаторите на петицијата.

Во декември, ЕБУ објави соопштение во кое се вели дека Евровизија е „за радиодифузери, а не за влади“ и дека Израел учествува на натпреварот веќе 50 години.

Се додава дека организациите членки се согласиле дека израелскиот јавен радиодифузер „ги почитува сите правила“ и инсистира на тоа дека натпреварот е „неполитички настан“.

Минатиот месец, исландските музичари поставија слични барања до радиодифузерот РУВ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.