Ова е единствениот фестивал во државата што ја сочува староградската музика, како еден од белезите на битолската градска традиција.

Изведувачите ќе настапат во живо. Сите 16 музички нумери се авторски и ќе бидат изведени за првпат на овој фестивал. Гостите на фестивалот ќе носат староградски носии и со двата пајтони ќе се обидеме да го вратиме духот и сјајот на Битола која отсекогаш била препознатлива како најопеаниот град не само во Македонија, туку и на Балканот-најави на денешната прес-конференција Благојче Божиновски, директор на Културно-информативниот центар.

Миодраг Неќак музички соработник на Фестивалот рече дека идејата на самите автори кога ги компонирале песните, била да бидат инспирирани од прекрасниот објект на Офицерскиот дом, балконите и она по што е препознатлива Битола.

Организаторите на Фестивалот „Ех, таа серенада“ најавија дека сериозно размислуваат за интернационализација на фестивалот од следната година.

Ние веќе стапивме во контакт за евентуална поддршка за фестивалот да се развива прво на балканско а потоа и на меѓународно ниво. Идејата ни е да имаме претставник на босански севдах, хрватска клапа, маџарски чардаш и да дојдат до израз нивните обичаи, мотиви, па дури и поетски изрази, но, за жал изборниот период и тоа што се чекаше усвојувањето на ребалансот на општинскиот буџет беа ситуации од кои не можевме да влеземе во посериозни преговори со евентуални гости. Но, тоа ќе го реализираме од следната година. Многу е важно овој Фестивал да си го најде своето место под македонското музичко небо, бидејќи промовираме и афирмираме нови музички автори кои пред сè ја негуваат македонската музика-рече директорот Божиновски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.