Македонскиот музичар Христијан Настески – Пајак ги враќа на сцена идолите од времето на најголемата експанзија на македонската поп-музика.После Јован Јованов, следи и дуетот на Пајак со Елвир Мекиќ, под наслов „Негде после два”.

Судејќи според реакциите од „тизер“ рефренот на нивната нова песна со наслов „Негде после два“, несомнено ќе имаме уште еден хит. Елвир беше еден од најпопуларните пејачи на македонската поп-сцена пред 10 – 20 години. Па така, и новата песна, иако со модерен звук, го има стариот „вајб“ со примеси на ретро-РНБ од 2000-тата и потоа, велат од „Урбан рекордс продукција“.

Спотот е во режија на Гордан Божиновски од „Урбан рекордс продукција“. Се снимаше во „Дајмонд мол“ – гурман стрит и во хотелот „Лимак“. Во спотот се појавуваат манекенот и фитнес-модел Драган Стојчевски и моделот Евгенија Петрушевска.

Мислам дека направивме добар спој со кој ќе ја опфатиме постарата публика, а Пајак ја има помладата публика. Логично е оние деца кои имаат 15 години да не ме познаваат, изјави Елвир.

Автор на музиката е Пајак, а текстот е на Мекиќ и е напишан од насловите од неговите најголеми хитови како „Некаде после два“, „Армија“, „Ич не ме боли“, „Слаба точка“ и други. Аранжманот, миксот и мастерингот се на Иван Јованов – Ивајо.

Инаку, Елвир со сопругата и сега синот живее и работи во Сараево, Босна и Херцеговина, но со Македонија, вели, освен блиските и пријателите го поврзуваат и работни ангажмани, па така периодот што претстои планира да ѝ се посвети и на музичката кариера.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.